5 Мај прогласен за Ден на македонскиот јазик

На денешната 130-тата седница на Владата на Република Северна Македонија донесе одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик како празник од работен карактер.

Одлуката овој датум да се прославува како Ден на македонскиот јазик е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија која на 5 мај 1945 година ја усвои азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, а по два месеци Министерството за просвета го озакони, првиот правопис со што беше кодифициран македонскиот јазик.

На истата седница Владата го задолжи Министерството за надворешни работи на нашата земја да стапи во контакт со МНР на Република Франција за координација во врска со помошта на меѓународната заедница за помошта за реставрација на опожарената црква Нотр Дам, со цел да се определи најсоодветна поддршка во знак на солидарност за обновата на овој грандиозен споменик од цивилизациско значење.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за подготовка на национална стратегија за електронско здравство, и го задолжи Министерството за здравство да подготви проект со проектна структура, кој ќе ја развие националната стратегија за електронско здравство со акциски план во соработка со Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија во рок од една година од денот на усвојување на Информацијата. Истовремено Владата ја разгледа и усвои информацијата за прогласување епидемија на мали сипаници на цела територија на целата држава.