48-ми Државен натпревар по латински јазик за средношколци

Во организација на здружението Антика и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, на 11-ти мај, во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје, со почеток во 11 часот, ќе се оддржи 48-иот Државен натпревар по латински јазик за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Северна Македонија.

На натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од целата држава. Оваа година учениците се натпреваруваат во две категории за латински јазик, според степенот на изучување на јазикот и според струката: латински почетно ниво за гимназија и латински за  здравствената струка.

Натпреварите финансиски ги поддржува Филозофскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Филозофскиот факултет.

Во посочениот термин здружението Антика вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Здружението постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Северна Македонија и популаризација на класичната филологија.

Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји.  Од 2014, пак, „Антика е член на The International Federation of Associations of Classical Studies (FIEC), меѓународна асоцијација на здруженија на класични филолози.

Здружението го издава електронското списание Systasis, (www.systasis.org), а повеќе информации за активностите на здружението можете да најдете на неговиот веб сајт.