45-ти државен натпревар за класични јазици

Во организација на здружението Антика и Институтот за класични студии при Философскиот факултет во Скопје, утре (14 мај), ќе се одржи 45-тиот Републички натпревар по класични јазици, за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Македонија.

Натпреварот почнува во 10.30 часот, во просториите на Философскиот факултет во Скопје. На него ќе учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија. Тие ќе се натпреваруваат во четири категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно и продолжително ниво за гимназија и здравствена струка.  Оваа година по втор пат ќе учествуваат и ученици кои почетно го изучуваат старогрчкиот јазик.

Од Антика соопштија дека се пријавени 98 ученици, кои веќе ги поминале регионалните натпревари. Координатор на натпреварите е Ленче Мишова, професор по латински јазик  од гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, која, заедно со претседателот и секретарот на здружението за класични филолози Антика , ги организираше регионалните и државниот.

Натпреварите финансиски ги поддржува Философскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. Натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Философскиот факултет.

За време на натпреварите здружението Антика вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Антика постои од мај 2001 година како здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Македонија и популаризација на класичната филологија. Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји.

Здружението го издава електронското списание Systasis, (www.systasis.org). На Годишното собрание што ќе се оддржи на 14.05.2016 во 11 часот,  ќе бидат презентирани  последните два броја  (бр.26 и 27) на ова списание.    Повеќе информации за активностите на здружението можете да најдете на неговиот веб сајт .