45 оздравени лица, еден починат и 15 нови заболени од Ковид-19 последниве 24 часа

Министерството за здравство информира дека изминатово деноноќие регистрирани се 15 нови заболени од Ковид-19, а починат е и еден пациент на Клиниката за инфективни состојби, 61-годишно лице од Струга.

Институтот за јавно здравје, изминатите 24 часа регистрирале и 45 оздравени пациенти во: Скопје-19, Куманово-25 и Прилеп-1.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби денеска за прв пат од почетокот на епидемијата, во 24 часа, нема прием на нови пациенти, позитивни или сомнителни на ковид-19. На оваа клиника почина еден пациент, 61 годишен од Струга, со повеќе коморбидитети и тешка форма на болеста, хоспитализиран од 24 април, а испишани се 8. Во моментов се хоспитализирани 39 пациенти, од нив 20 потешко болни и на кислородна поддршка и 1 критично болен пациент на механичка вентилација“, соопштија од Министерството за здравство.

Согласно ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во Северна Македонија изнесува 1.506, бројката на оздравени пациенти е 852 , на починати е 82, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 572.

Во изминатите 24 часа направени се 199 тестирања, а 15-те новозаболени се од: Куманово-7, Прилеп-4, Скопје-2, Тетово-1 и Струга-1.

„Лабораторијата на Жан Митрев достави допис со исправка до ИЈЗ за позитивни резултати на 3 лица (2 од Скопје и 1 од Битола) пријавени на 24 април. Трите лица се всушност негативни, а причина за грешката е  најверојатно контаминација на материјалот.  Кај трите лица лабораторијата во Жан Митрев уште веднаш, на 25 април, направила контролен тест на оригиналниот материјал, но и на нов брис по што се добиени негативни резултати, а истите лица се тестирани и преку ИЈЗ и тие резулатати се негативни“, додаваат од Министерството.

Направените 199  теста се преку: ИЈЗ –179, Систина со PCR метода  – 10 и МАНУ -10.  Досега во земјата се направени вкупно 16.997 тестирања на Ковид – 19.

Од Министерството за здравство информираат и дека:

Во изминатото деноноќие во ГОБ „8 септември“ примени се 9 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 29. На респираторна машина се 4 пациенти, а уште тројца се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се лекуваат 4 пациенти, а на домашно лекување се следат 3.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 2 пациенти, а уште 4 се следат на домашно лекување.

На ифективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид, Гостивар и Тетово се хоспитализирани вкупно 47 позитивни и суспектни на ковид-19.