433 луѓе добиле џек-пот на лотарија во Филипини, опозицијата бара истрага

Лотарија во Филипини на која главната награда ја добиле дури 433 луѓе предизвика сомнежи и изненадување во јавноста.

Според локалните медиуми тоа е најголем број на луѓе кои истовремено ја добиле главната џек-пот награда на државната „Гранд Лото“ наградна игра.

Победничката комбинација викендов носела 236 милиони пезоси (околу 4 милиони евра) и била серија на броеви од кои сите биле деливи со девет.

Лидерот на опозицијата во филипинскиот сенат, Коко Пиментел, побара истрага во резултатите кои ги карактеризираше како „сомнителни“.

„Оваа лотарија се одржува со дозвола на Република Филипини. Поради тоа, мораме да го одржиме и заштитиме интегритетот на овие наградни игри“, изјави Пиментел откако повика на истрага во чудниот исход.

Од компанијата која ја организира лотаријата велат дека немало никакви неправилности, потенцирајќи дека Филипинците вообичаено се обложуваат на серија на исти броеви.

„Многу од играчите си ги играат истите броеви. Не е добро да бидете лојални само на вашите сопруги и сопрузи, добро е да бидете лојални и на вашите броеви“, изјави Мелакеидес Роблес, директорот на компанијата.

Професорот по математика на Универзитетот на Филипини, Гвидо Давид, за Би-Би-Си изјавил дека шансите за олку многу добитници на џек-потот е број кој има 1.224 цифри.

„Не знам како да го наречам тој број бидејќи е многу голем. Бројот на молекули во познатиот Универзум е број со 80 цифри“, објаснува Давид.

Учесниците во „Гранд Лото“ избираат шест броеви од 1 до 55. За да го добиете џек-потот потребно е да ги погодите сите шест бројки кои се извлекуваат на лотаријата.