43 препеви и 74 адаптации на „Т`га за југ“ отсега достапни во дигитална верзија

На веб-страницата на Струшките вечери на поезијата отсега е поставена дигиталната верзија на „Полиглота”. Станува збор за книшка со песната „Т`га за југ“ препеана на 43 јазици и 74 адаптации.

Таа е заедничко издание на фестивалот и НИП „Нова Македонија“, редакција „Детска радост“ од 1994 година. Во неа има преводи, препеви, парафрази, имитации, транскрипции и сплантации на „Т`га за југ“ од соработници на фестивалот и претходни учесници.

„Освен дигиталната верзија на изданието, покрај оригиналот на македонски јазик, ги издвоивме и препевите на англиски, албански и француски јазик. Исто така, покрај кратката биографска  белешка за Константин Миладинов (чиј автор е струшкиот историчар Петар Аврамоски) ќе може да ги прочитате и толкувањата на Т`га за југ (пократкото, од Гане Тодоровски и поопсежното толкување од уште еден великан на македонската поезија, Блаже Конески)“, се вели во соопштението.

Поставувањето на ова издание е најава за проектот за дигитализација на богатата издавачка продукција на Струшките вечери на поезијата која што на овој начин ќе биде достапна за најширокиот круг на читатели, велат од фестивалот.