Стотици средношколци се исчезнати откако вооружени лица нападнале училиште во нигериската северозападна провинција Катсина, соопштиле од локалната полиција. Од околу 600 ученици кои го посетувале училиштето недостасуваат околу 400 ученици.
Училиштето било нападнато во петокот вечерта од поголема група бандити со калашникови, додале од полицијата.
„Полицијата, нигериската војска и авијацијата соработува со училишните служби за да го утврди точниот број на исчезнати, односно киднапирани ученици. Во моментов има потрага за да се најдат и спасат исчезнатите“, изјавил портпаролот на полицијата, Гамбо Иса.
Сведок за Асошиејтед Прес изјавил дека напаѓачите одвеле дел од учениците со нив.
„Полицијата поддржана од авијацијата го лоцираше седиштето на бандитите во шумските предели на Канкара и имало вооружена пресметка во акцијата која уште е во тек. Сочуствуваме со семејствата на учениците, училишните служби и повредените“, соопштил претседателот на Нигерија, Мухамаду Бухари.
Овој напад е последен во низата вооружени напади на училишта во Нигерија. Се верува дека нападите ги прават бандитски групи кои се озлогласени поради киднапирање луѓе после што бараат пари во замена за нивно ослободување.
Најсериозниот напад досега се случи во април 2014 година, кога членови на групата Боко Харам киднапираа 276 девојчиња од училишен дом. Околу 100 од девојчињата и до денеска сè уште се водат како исчезнати.