40 години Лајбах на Таксират #22 – концерт на словенечкиот колектив во СЦ „Борис Трајковски”

Едни од најпровокативните музичари на територијата на поранешна Југославија – „Лајбах“, се враќаат на бината на Таксират фестивал. Под мотото „Љубовта се уште живее“ („LOVE IS STILL ALIVE”), култниот словенечки колектив ќе прослави 40 години постоење во Скопје на 29-ти октомври – СЦ „Борис Трајковски”.

Билетите се достапни во продажба онлајн и во продажната мрежа на MkTickets. Почеток на концертот е во 20:30 часот, а вратите се отвораат во 19 часот.

„Согласно протоколот за реализирање на настани во затворен простор, билетите се строго ограничени и исклучиво за седење, а салата е соодветно приспособена за одржување на настан според сите мерки наведени во протоколот. Задолжително е носење на маска, дезинфекција и одржување растојание во текот на целиот настан“, информираат организаторите.

„Лајбах“ се формираат во 1980 година во малото рударско гратче Трбовље. Уште од својот прв настап предизвикуваат бурни реакции поради својот остар израз и критика кон тогашната политичка ситуација. За „Лајбах“ се снимени бројни документарни филмови, а нивните дела, низ годините стануваат предмет на бројни научни и уметнички изложби. По четириесет години кариера и илјадници концерти низ светот, „Лајбах“ денес важат за уметнички феномен од светски ранг.

Претходно, од фестивалот соопштија дека со целовечерен концерт на „Архангел“ започнува официјалната музичка програма на Таксират, кој оваа година ќе се одржи на 11 октомври во СЦ „Борис Трајковски”.

Една недела подоцна, програмата за 22 издание на фестивалот ќе продолжи со соло концерт на „Страјк“ – еден од најдобрите изведувачи на домашната андерграунд рап сцена.

Со концерти на „Архангел“ и Страјк, започнува 22 издание на „Таксират“