4 момчиња извлечени од пештерата во Тајланд, спасувањето на преостанатите продолжува утре

Четири момчиња се безбедно извлечени од пештерата во Тајланд во спасувачката операција која трае цел ден и која ќе продолжи и утре. Внатре остануваат уште 8 деца и нивниот тренер, кои повеќе од две недели се заробени во пештерскиот комплекс.

Надлежните на пресконефернција соопштија дека спасените деца се во „перфектна“ здравствена состојба и дека нова спасувачка акција ќе почне за десет часа откако ќе бидат подготвени нуркачките екипи.

„Нашата акција беше поуспешна од она што го очекувавме. Продолжуваме за 10 до 20 часа бидејќи го потрошивме целиот кислород“, изјавил Нараонгсак Осотанакорн, кој ја координира спасувачката акција изразувајќи благодарност на светската јавност за нивната поддршка.

Во операцијата биле вклучени 90 нуркачи, 40 од Тајланд и 50 од други држави, соопшти Осотанакорн.

Досега времетраењето на спасувачката операција се одвиваше побрзо од очекувањата. Според информациите таа вклучувала комбинација од пешачење, нуркање и искачување во целосен мрак, по јажиња кои однапред биле поставени. Секое од децата носело маска на лицето поврзано со боца со кислород која ја носи еден од двајцата нуркачи кои го следат.

12-те момчиња на возраст од 11 до 16 години биле на екскурзија со нивниот тренер кога влегле во пештерата на 23-ти јуни, од која потоа не можеле да излезат поради надојдената вода.