36 романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“

Вкупно 36 романи се во трка за престижната награда „Роман на годината“ на годинашниот јубилеен 20-ти конкурс.

Како што соопштуваат од Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, која ја доделува оваа награда, жири-комисијата во состав Фросина Пармаковска, минатогодишна лауреатка на ова признание и воедно претседателка на жири-комисијата, Богомил Ѓузел, Сашо Прокопиев, Елизабета Баковска и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) констатираше дека освен по обем, годинава романескната продукција се одликува и со несомнен квалитет.

Според правилникот на наградата, Фондацијата ќе го соопшти годинашниот добитник најдоцна до 15 март. Жири-комисијата во овој период ќе направи неколку селекции на романите. Наградата е единствена и неделива и се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и статуетка.

Од Фондацијата исто така информираат дека извадоците од романите ќе се објавуваат на сајтот okno.mk, почнувајќи од 1 февруари.