35 „бомби“ исчезнаа од Јутјуб каналот на СДСМ

35 прислушувани разговори, или „бомби“ како се попознати во јавноста, во моментов се недостапни на Јутјуб каналот на политичката партија СДСМ. Таму овие аудио материјали беа објавени пред скоро две години и непречено можеа да се слушнат до денес. Блокираните видеа се повеќе од половина од вкупно 69 видео-аудио материјали кои се наоѓаа на овој канал.

Како причина за блокирањето Јутјуб наведува дека видеото „има содржини на OMD Network“ и дека блокирањето е „по основа на авторски права“.

Преку „бомбите“ СДСМ ја обвинуваше власта за наводни масовни злоупотреби на нивната положба и бројни криминални дејства. Овие аудио материјали подоцна станаа предмет на истраги на Специјалното јавно обвинителство, кое се формираше со единствена цел да ги расчисти наводните нелегални активности кои се слушаат во „бомбите“.