34 лица убиени во самоубиствен бомбашки напад на училиште во Кабул

Најмалку 34 лица, најголемиот дел од нив тинејџери, се убиени во напад на бомбаш-самоубиец на едукативен центар во западниот дел на главниот град на Авганистан, Кабул, соопштиле од министерството за здравство.

Во нападот кој се случил околу 16 часот по локално време повредени се уште повеќе десетици лица.

Сè уште не е познато колку ученици биле во едукативниот центар, каде матурантите се спремаат за приемни испити за факултет, кога се случил нападот. Министерството за здравство најпрво излегле со информација за 48 жртви, но подоцна ја коригирале бројката на 34 загинати.

„Можеме да потврдиме дека нападот бил предизвикан од бомбаш-самоубиец кој ја детонирал експлозијата во внатрешноста на едукативниот центар“, изјавил за Ал Џазира портпаролот на полицијата.

Според локалниот претседател на шиитската заедница, едукативниот центар веројатно бил мета на бомбашот, каде млади момци и девојки учеле заедно.

„Поголемиот дел млади во едукативниот центар се убиени. Беше ужасно и многу од учениците беа растурени од експлозијата“, изјавил за Ројтерс Сајед Али, очевидец на нападот.

Засега никој нема преземено директна одговорност за нападот. Шиитската заедница во Авганистан во повеќе наврати е мета на сунитските екстремисти од Исламската држава, кои го сметаат шиитското практикување на исламот за ерес.