30 години по крвавиот протест, Кина спречува нов „Тјенанмен“ со паметни камери наместо тенкови

Триесет години по крвавото спречување на протестите на плоштадот Тјенанмен во Пекинг, тенковите кои тогаш се наредија на улицата во главниот кинески град се заменети со безброј надзорни камери поставени за граѓаните да се држат под контрола.

Кинеската комунистичка партија изминативе години се труди да спречи било какво ново демократско движење. Со својот високотехнолошки систем на надзор се спречуваат обидите за отпор на студенти и работници уште во самиот зачеток.

Во меѓувреме, партијата спроведе и голем број економски реформи, по кои милиони луѓе станаа побогати а со тоа и помалку бунтовни од студентите чии протести на 4-ти јуни 1989 година беа крваво задушени.

Новата кинеска преокупација со вештачката интелигенција и компјутерското препознавање на лица додава нова димензија на софистицираноста, на и онака сложената мрежа на надзор. На полицијата им се овозможува да затропа на вратата на секој кој го смета за проблематичен, откриваат неколку кинески активисти за Агенцијата Франс Прес.

Други, пак, предупредуваат дека инфилтрацијата на властите во универзитетите и отстранување на „слободномислечките простори“, како што се книжарите, на луѓето им оневозможило дури и да дискутираат за реформи.

„Поради подобрената надзорна технологија тешко е да дојде до било какви масовни протести како оние на Тјенанмен во 1989 година“, вели Патрик Пун од Амнести Интернешнал.

Во последните години кинеските цензори го засилија и надзорот врз социјалните мрежи, следејќи ја активноста на милиони луѓе и блокирајќи било каков чувствителен материјал за тоа што навистина се случило на плоштадот во Пекинг пред 30 години. Неколку недели пред годишнината на протестите, во државата беше блокирана Википедија на сите јазици.

„Кинеската полиција сега користи и софтвер за препознавање на глас на учесници во телефонски разговор, а спроведува и програма за собирање на ДНК“, предупредува Сиао Кианг, физичар кој по случувањата на Тјенанмен стана активист за човековите права.

Неколку активисти, за АФП откриваат дека комуникацијата ја прават преку кодираните апликации, како Телеграм, но многу им е потешко да се сретнуваат физички поради масовниот видеонадзор.

Кинеската влада во 2015 година го започна проектот „Остар поглед“, опишан како „сеприсутен, вмрежен, секогаш активен и целосно контролиран“ систем на јавен надзор. Во 2016 година Кина на своите улици, згради и јавни простори имала околу 176 милиони камери, според податоците на лондонската агенција ИХС Макет, додека до 2022 година се предвидува дека нивниот број ќе изнесува 2,76 милијарди камери.