2CELLOS во Метрополис Арена на 4 декември

Хрватската супергрупа 2CELLOS (Ту Челос) на Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер ќе настапи пред македонската публика на 4. декември, на сцената на Метрополис Арена. Концертот е дел од офф-програмата на „Таксират“ кој за своето 17. издание подготвува повеќе настани за различни музички вкусови. Концертот е организиран во соработка со културната манифестација „Охридско Лето“, а маестралните 2CELLOS гарантираат незаборавно доживување и за оние со најпрефинет музички вкус.

„Ако сакате да видите нешто навистина неверојатно, гледајте ги 2CELLOS во живо. Зачудувачки е! Не сум видел ништо повозбудливо од времето кога во ’60-те го гледав Џими Хендрикс.” вели Сер Елтон Џон за 2CELLOS.

2CELLOS во светот „експлодираа” како Јутјуб сензација во 2011-та, по видеото во кое на две виолончела свират преработка на Мајкл Џексон. Скромниот и јасен спот за десетина дена беше прегледан 3 милиони пати. Виртуозите од Хрватска се вивнаа во поп светот, следуваше гостување во ток шоуто на Елен Деџенерис (два пати во само шест месеци) и појавување во емисијата на Џеј Лено. Шулиќ и Хаузер како 2CELLOS гостуваа и во екстремно популарната музичка серија „Glee“ (Гли), во чија историја влегуваат како првите гости со инструменти во вокалното шоу. Токму таа изведба на „Smooth criminal“ на кралот на попот, во придружба на актери од „Glee“ дебитираше на Жешката Билборд Топ 100 листа на неверојатното 10-то место.

Во Јапонија се најпознати, каде што добија награда за најдобар инструментален албум во 2014-та. Неодамна одржаа целомесечната турнеја низ Земјата на изгрејсонцето, но и во Кореја, Сингапур и Хонг Конг. Во Скопје 2CELLOS доаѓаат по нивните концерти во Москва и Санкт Петербург, за во јануари да заминат на турнејата во С.А.Д. и Канада.

До сега имаат издадено три албуми: „2CELLOS“ во 2011, „I2ition“  во 2013, плоча потпишана од славниот Боб Езрин, продуцент кој соработувал со Пинк Флојд, Питер Гебриел, Лу Рид и многу други. На овој албум на 2CELLOS гостуваат Стиви Ваи, Наја Ривера, Ланг Ланг, Цукеро и секако Сер Елтон Џон.

На почетокот на годинава го издадоа третиот – „Celloverse“ (Человерс) каде покрај преработките на поп песни во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.

Она што е еднакво импресивно за Лука и Стјепан е величината на нивната кариера во сериозната музика. Двајцата многу мали почнуваат да свират, се развиваат како исклучителни таленти и двајцата се образоваат во елитни училишта и академии во Британија и САД. Националните хрватски и меѓународни награди на Лука и Стјепан не се бројат, а нивната виртуозност со воодушевување е прифатена и од кралеви и кралици и од принцеви и принцези. Речиси и да не постои престижна концертна сала во светот каде момците не измамиле громогласни аплаузи. Од Нов Зеланд до Америка, 2CELLOS се прифатени со восхит и неверување во нивниот музичко сценски капацитет. 2CELLOS се познати по огнената енергија и неизмерната љубов кон музиката која не можат да ја сокријат на сцена.

Многу специфично е дека академски музичари со светски признанија за достигнувања во класичната музика криеле таков талент за таков настап и анимација на илјадници луѓе на концерти, генијален хумор и беспрекорна спонтаност. Опуштени и секогаш подготвени да ја доведат публиката во еуфорија.