2CELLOS ќе настапат на јубилејното 55-то издание на Охридско лето

Охридско лето го најави гостувањето на светската атракција 2CELLOS на 55-то издание на фестивалот. Групата составена од Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како Хрватите кои го освоја целиот свет, доаѓа во Охрид на 08 август. Тие ќе настапат на сцената на Античкиот театар, а концертот почнува во 21 часот.

2CELLOS станаа познати во светот првично како Јутјуб сензација во 2011-та, по видеото во кое на две виолончела свират преработка на Мајкл Џексон. Нивниот спот за десетина дена имаше три милиони прегледи. Потоа, следуваше изведбата на „Smooth criminal“ на кралот на попот, во придружба на актери од „Glee“, со која дебитираа на Жешката Билборд Топ 100 листа на 10-то место.

Во Јапонија се најмногу познати, каде што добија награда за најдобар инструментален албум во 2014-та.

Досега имаат издадено три албуми: „2CELLOS“ во 2011-та, „I2ition“ во 2013-та, плоча потпишана од славниот Боб Езрин, продуцент кој соработувал со Пинк Флојд, Питер Гебриел, Лу Рид и многу други.

На почетокот на годинава го издадоа третиот – „Celloverse“ каде покрај преработките на поп песни во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.

Билетите за настапот на 2CELLOS ќе чинат 800, 1.000 и 1.200 денари, а ќе можат да се набават во продажната мрежа на МкТикетс како и онлајн.