2CELLOS ќе настапат и на главната вечер на Таксират

Поради огромниот интерес 2CELLOS го потврди вториот концерт во Скопје, откако беа целосно распродадени билетите за новниот солистички концерт како дел од придружната програмата на Таксират.  2CELLOS свој настап ќе имаат на 7 декември во Метрополис Арена, на главната вечер на Таксират.

 

Супергрупата од двајца, 2CELLOS на Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како Хрватите кои го освоија светот, најавуваат незаборавно доживување за публиката.  Од Нов Зеланд до Америка, 2CELLOS се прифатени со восхит, а особено се познати по огнената енергија и неизмерната љубов кон музиката која не можат да ја сокријат на сцена. Повод за концертите во Скопје е и нивниот нов, трет студиски албум – „Celloverse“ кој го објавија годинава и на кој покрај преработките на светските хитови во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.

Со приклучувањето на 2CELLOS во фестивалското финале на ТАКСИРАТ 2015, програмата за 7. декември е комплетирана, а покрај нив на големата сцена во Метрополис Арена ќе настапат Laibach, шведската power/heavy метал атракција Sabaton,  La Pegatina, С.А.Ф. и Тони Китановски,  Little Big Band и диџеј составот на лондонскиот дабстеп феномен Modestep, за затворање на фестивалот.