27 лица завршиле на токсикологија на новогодишната ноќ, најмладиот пациент имал 15 години

27 лица завршиле на Клиниката за токсикологија за новогодишната вечер, а 69 пациенти биле прегледани во Ургентниот центар, информираше Министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека, за разлика од предходните години, лекарите имале релативно мирна ноќ за работа.

„На Клиниката за токсикологија, вчера во текот на новогодишната ноќ биле примени 27 пациенти, од кои 24 во алкохолизирана состојба, а тројца од нив биле предозирани со дрога. Во алкохолизирана состојба биле донесени 24 лица, најмладиот пациент имал 15 години. Вкупно 10 малолетници биле донесени во текот на ноќта во алкохолизирана состојба“, информираше Филипче.

Министерот посочи дека сите лица во алкохолизирана состојба биле пуштени на домашно лекување после третманот.

„Многу е намален бројот на лицата кои користеле психо-активни супстанци. Оваа година тројца во однос на многу поголемиот број изминатите години. Двајца од нив се пуштени дома, а една пациентка е задржана на обсервација на клиниката за токсикологија“, рече министерот Филипче.

Во Ургентниот центар за време на новогодишната ноќ биле прегледани 69 пациенти, од кои 13 се задржани на болничко лекување. Двајца пациенти добиле повреди од петарди, еден имал повреда од стаклена чаша, 8 лица добиле повреди од физички пресметки, а 9 се повредени во сообраќајќи. Само еден пациент е потешко повреден и е на одделението КАРИЛ.