23 жртви во пиромански напад врз јапонско аниме студио

Најмалку 23 лица се мртви, а десетици повредени по пожар во анимациско студио во Кјото, Јапонија за кој надлежните се сомневаат дека е подметнат.

Локалните медиуми ја цитираат полицијата која соопштила дека утрово, во студиото за анимации во Кјото, упаднал 41-годишен човек, кој полеал бензин и го запалил.

Осомничениот пироман е приведен и пренесен во болница со повреди.

Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, изјавил дека „нема зборови за страшниот инцидент“ и изразил сочувство на семејствата на жртвите.

Пожарот во троспратната зграда избил околу 10:30 часот по локално време, а спасувачката операција сè уште трае. Полицијата пронашла и ножеви на лице место. Не е познато дали осомничениот напаѓач имал поврзаност со компанијата.

Анимациското студи во Кјото, познато под името КјоАни, е основано во 1981 година и продуцирала повеќе познати аниме цртани филмови. Студиото било препознатливо и по тоа што на вработените им исплаќала редовна загарантирана плата, спротивно на правилото во аниме индустријата, за плаќање по фрејмови, што создавало огромен притисок врз вработените.