22 автори во конкуренција за стрип наградата „Лифт“  

Пристигнаа стрипови од 22 автор(к)и. Се ближи моментот на доделувањето на првата годишна стрип награда„Лифт“ за 2018 година. Во конкуренција се 22 стрипа (всушност, 26, бидејќи Христо Петревски испрати пет кратки стрипови), објави Окно.мк.

Доделувањето на наградите ќе се случи на 1 февруари 2019 години во 20 часот во МКЦ. Ќе биде организирана и изложба на пристигнатите дела, а најдобрите десетина стрипа ќе бидат и испечатени во посебна публикација.

Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум.

„Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор“, велат од Окно.

Жирито на наградата „Лифт“ го сочинуваат: Никола Гелевски, Јана Јакимовска, Ласко Џуровски и Владимир Битољану.

Донатор на првото доделување на наградата „Лифт“ е Град Скопје. Резултатите од конкурсот ќе ги објави Окно при крајот на месецов.

Пристигнатите стрипови за наградата „Лифт“ може да ги видите ТУКА.