21 нигериски ученички киднапирани од Боко Харам се ослободени, 197 се уште се исчезнати

21 од 218 исчезнати нигериски ученички, кои беа киднапирани во 2014 година од екстремистичката група Боко Харам се ослободени, соопшти нигериската влада.

Според портпаролот на претседателот Малам Гарба Шеху, девојките биле ослободени во северниот дел на државата Борно, а биле спасени од воен хеликоптер и се пренесени во главниот град Маидугури.

Шеху вели дека девојките биле ослободени како резултат на преговорите со милитантската група, со посредништво на Интернационалниот комитет на Црвениот крст и Шведската амбасада. Ова е првиот поголем напредок откако девојките беа киднапирани во април 2014 година.

Шаху соопшти дека девојките биле исцрпени и конечно имале можност да одморат. Нивните имиња наскоро ќе бидат соопштени, додаде тој.

Претседателот Мухамаду Бухари требаше да ја посети Германија кратко пред да пристигне веста за ослободувањето.

„Претседателот го поздравува ослободувањето на девојките, но ги предупреди Нигеријците да не заборават дека повеќе од 30 000 сограѓани се убиени од тероризмот“, напиша Шеху на Твитер.

Речиси 200 девојки се уште се водат како исчезнати, некои веруваат дека можеби се убиени при борбата со милитантската група. Шеху рече дека преговорите се со цел да обезбедат ослободување и на останатите киднапирани девојки.

Пред последното ослободување, само една девојка киднапирана од Чибок беше ослободена. Амина Али Нкеки беше пронајдена во мај со нејзиниот сопруг, од редовите на Боко Харам во шумата Самбиса, која се смета за упориште на екстремистичката група.

Девојките беа киднапирани додека спиеле во училиште додека се подготвувале за испити, во време кога Боко Харам претежно ги напаѓаше училиштата, убиваше наставници, бомбардираше студентски домови.

Дел од првичните 267 киднапирани девојки избегаа, но останаа 219 кои беа одведени во Самбиса. Лидерот на групата Абубакар Шекау, преку видео информираше дека девојките биле „робови“.

Како и илјадници други жени и девојки киднапирани во северниот дел на Нигерија во изминатите години, се верува дека и овие девојки се принудени да се мажат со борците на Боко Харам.