2015 година била најтопла во модерната историја

Минатата година била најтоплата откако се почнати мерењата на температурите во 1880 година, соопшти американската Администрација за океани и атмосфера.

Во научните кругови веќе некое време било јасно дека 2015 година ќе ја одземе „титулата“ од 2014, која досега беше најтоплата година во модерната историја. Десет од дванаесетте месеци лани биле со повисока просечна температура од истото време во 2014 година.

Сепак, научниците се изненадени од висината на температурите лани, бидејќи разликата била повисока отколку што очекувале. Во 2015 година, просечната светска температура била повисока од просекот во 20-от век за речиси еден целзиусов степен, што е зголемување од над 20 проценти во споредба со претходната година.

Ова беше потпомогнато од месецот декември, кој се чувствуваше повеќе како март или април во поголемиот дел од Северната хемисфера, каде за традиционалните зимски празници имаше температури кои не беа ниту зимски, ниту традиционални.

Според научниците, главна причина за зголемените температури во светот лани е метеоролошкиот феномен Ел Нињо, кој ги затоплил тропските оекански води, што резултирало со испуштање поголемо количество топлина во атмосферата. Сепак, ова не е единствениот фактор – според последниот извештај на НАСА, промените се „во голем дел водени и од зголемените емисии на јаглерод диоксид и други емисии од човечкиот фактор“.