Во четврток започнува годинешниот Скопје филм фестивал, кој ќе трае до 28 април. За дваесетгодишниот јубилеј Скопски филмски фестивал се потруди да донесе исклучително богата програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од 75 филмови, работилници, гостувања на реномирани филмски имиња, првата македонска филмска ретроспектива на Стенли Кјубрик, а прв пат ќе се одржи и програмата „Креираме заедно“.
Фестивал се отвора на 20 април, во киното „Милениум“, со Реквием за госпоѓа Ј. филмот на режисерот Бојан Вулетиќ, кој годинава беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал. Се работи српско – македонско – руско – бугарско – француска копродукција која ја раскажува прказната за службеничката Јелена, која решава да изрши самоубиство, но сфаќа дека ништо не е едноставно во земјата што постојано оди напред-назад меѓу мака и транзиција.
На свеченото отвоврање на Скопје филм фестивал пред публиката ќе се поклонат легендарната Мирјана Карановиќ која ја игра главната улога, режисерот и сценарист Вулетиќ, како и дел од филмската екипа.
Филмовите се распоредени во осум програми: Гала, Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, во која публиката ќе ја види најновата македонска филмска комедија во режија на Коле Ангеловски, „Ах љубов моја“, како и неколку краткометражни филмови од најновата македонска продукција.
Скопски филмски фестивал за својата публика подготви Ретроспектива на Стенли Кјубрик, во рамките на која ќе бидат прикажани пет негови филмови, а по тој повод специјален гостин на Фестивалот ќе биде познатиот Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик. Тој во Скопје, на 23 април ќе одржи предавање, а по проекцијата на филмот „Пеколен портокал“, ќе одговара на прашања од публиката.
Во Гала програмата ќе се прикажува новата комедија на оскаровецот Фернандо Труеба, „Кралицата на Шпанија“, со Пенелопе Круз, која се одвива за време на диктатурата на Франко. Филмот беше дел од официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал.
„Невидливиот гостин“ на режисерот Ориол Пауло, прекрасно снимен трилер кој е продолжение на прославениот „Тело“ од 2012. Меѓу другите, тука е и „Младиот Маркс“ на Раул Пек, беспрекорно снимена, класично замислена биографија што го прикажува создавањето на Комунистичкиот манифест. Најновото остварување на Бруно Думон, „Заливот Слек“, со Жулиет Бинош, во главната женска улога, пак е необична, мрачна комедија за буржоаското и екстремно ексцентрично семејство Ван Петегем.
Во програмата Авторски филм влегуваат филмовите како „Загубени во Париз“ најновото дело на режисерите Фиона Гордон и Доминик Абел, новиот трилер и црна комедија „Кафуле“ на Алекс де ла Иглесија, а тука е и вторит дел од полуавтобиографска филмска трилогија „Бесконечна поезија“ на магот на контракултурата, Алехандро Ходоровски.
Како дел од програмата Панорама на светскиот филм, ќе може да се погледнат шест остварувања, меѓу кои се рускиот филм „Ученик“ на режисерот Кирил Серебреников, американскиот „Каков што си“, импресивен филмски првенец на 23 – годишниот режисер Мајлс Џорис-Пејрафит. „Вива“ е првиот ирски филм што влезе во потесна конкуренција за Оскар за неанглиско говорно подрачје, овој филм на режисерот Педи Бретнах е снимен во Хавана.
Годинава, фестивалската публика ќе може да ги види и најинтересните француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, а во рамки на програмата на Краток филм ќе бидат прикажани 12 филмови од европска продукција и уште 13 краткометражни шпански филмови.
Скопје филм фестивал ја најави и Детската филмска програма „Креираме заедно“. Скопје филм фестивал и Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за прв пат ги вклучуваат и децата во креирањето на фестивалската програма.
Детската филмска програма на Скопје филм фестивал ќе понуди филмови наменети за сите деца кои се обидуваат да урнат некои табуа и стереотипи за луѓето со попреченост.
Во програмата учествуваа ученици со и без попреченост на возраст од 9 до 14 години од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица кои во духот на самозастапување говореа за себе и својот свет преку работилниците за фотографија, видеозапис и ликовно решение за плакатот на детската програма. Креативните работилници ги водеа уметниците: Ване Костуранов (плакат), Наташа Гелевска (фотографија) и Јане Алтипармаков (видеозапис).
Проектот се имплементира со поддршка од Европската Унија, како дел од програмата „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од страна на УНИЦЕФ.
Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал во кино Фросина, на 27 април ќе се одржи работилница за анимиран филм со Берин Тузлиќ, мултимедијален уметник од Сараево.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е познатиот македонски ликовен уметник Ване Костуранов.
Програмите на 20. издание на Скопје филм фестивал, од 20 до 28 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и кино „Фросина“.