Со промоција на книгите „Од шеќерна до Деспина“ и „Музички клуч“ ќе се прослави 20 јубилеј на архивот ИРАМ/БузАр при ФМУ

Во 2000 година, на 4 септември во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје се одржа првиот концерт кој беше снимен во дигитална форма и од него отпечатен првиот компакт диск.  Тогаш, беа праизведени Вечеринките (9 ноктурна за пијано) оп. 49 од страна на Димитрије Бужаровски, така што оваа година се навршуваат и 20 години од нивната праизведба.

„Вечеринките“ беа снимени во тогаш новото дигитално студио во склоп на ФМУ, со што отворени беа програмите за сонологија и првите студенти беа примени на катедрата во октомври 2000 година. Со тоа, програмата за сонологија при ФМУ, која подоцна прерасна во сонологија со мултимедија и на која дипломираа, магистрираа и докторираа над 60 студенти на ФМУ, го одбележува својот дваесетгодишен јубилеј.

Во изминатите 20 години ИРАМ, кој подоцна беше трансформиран во архивот БузАр, прерасна во една од најголемите институции за архивирање на звучното културно наследство, не само во македонски, туку и во балкански рамки. Во моментов архивот БузАр поседува 2 терабајта од аудио, видео, фотографии, текстови, партитури, мелограми и друг графички материјал, од кој се издвојуваат 14 дигитализирани колекции со музички фолклор со повеќе илјади песни, ора, приказни и друг говорен материјал, 110 снимени концерти, видеа од концерти на ансамблите на ФМУ, спотови, 170 кратки документарни видеа, 14 документарни видеа – портрети на истакнати македонски културни дејци, 119 емисии на Студентското интернет радио при ФМУ итн.

Одбележувањето на јубилејната година на ИРАМ/БузАр започна на 24 јануари 2020 година со промоцијата на најновото документарно видео за доајенот на македонската народна музика Благоја Дескоски.

Централниот настан се прославува со два најнови проекта во БузАр, двете книги за македонската музичка култура – „Музички клуч“ од Трена Јорданоска и „Од Шеќерна до Деспина“ од Димитрије Бужаровски. Првата книга ја обработува историјата на пијаноштимерите во Македонија, додека втората е посветена на двете сценски дела „Шеќерна приказна“, „Деспина“ и „Мистер Докс“ и во која се обработени настаните околу нивното создавање и изведби, како и детална музиколошка анализа на нивната музичка содржина. Книгите комплетно се обработени и подготвени за издавање во печатена и електронска форма, и ќе бидат поставени за бесплатно користење на сајтот на БузАр на денот на јубилејот, 4 септември.

Карактеристика на овој архив е дека сите негови активности, се организирани исклучиво на волонтерска основа на групата професори и студенти која ја предводи Димитрије Бужаровски.

Видеата за историјата на ИРАМ/БузАр и промоцијата на двете книги ќе бидат проследени во рамки на електронска конференција преку платформата „Зум“. Конференцијата е закажана за 4 септември 2000 година во 10 часот и ќе биде снимена и поставена на „Јутјуб“ каналот на ФМУ.