20.000 граѓани во Ниш маршираа против насилството меѓу младите

Околу 20.000 луѓе, од кои голем дел ученици и студенти, се собраа на голем протестен митинг во центарот на Ниш, барајќи да запре насилството меѓу младите. Повод за протестот е убиството на 21-годишниот студент на Медицинскиот факултет Вук Стоилковиќ, кого врсник го прободе со нож минатиот понеделник во нишкиот парк „Свети Сава“.

 

Студенти од Универзитетот во Ниш, ученици од средните училишта, нивните наставници и професори, претставници на здруженија и младински организации во отворено писмо побараа правда за Вук Стоиљковиќ, но и да се открие вистината на целиот настан. На собирот зборувале девојката на убиеното момче, неговиот вујко, членови на дебатниот клуб и професори од гимназијата „Светозар Марковиќ“, во која како професорка работи мајката на убиениот студент.

Граѓаните марширале од централниот плоштад во Ниш кон седиштето на полицијата, со повици „зошто молчите?“.Од полицијата се бара целосно да го расчисти последното убиство, бидејќи граѓаните отворено се сомневаат дека не е се кажано околу трагичниот настан.

Студентот Стоиљковиќ рано вечерта минатиот понеделник бил четирипати избоден од негов врсник, откако според сведоците, двајца напаѓачи го нападнале поради поранешни несогласувања. Само еден осомничен, Димитрије С. (20), студент на Факултетот за физичка култура во Ниш, е уапсен и се наоѓа во притвор. Граѓаните ја обвинуваат полицијата дека го штити вториот напаѓач, затоа што тој е син на познат локален бизнисмен.

Протестот во Ниш се развил од спонтаните собири на граѓаните на местото на убиството изминатава недела, а тие се организирале преку социјалните мрежи. Голем број граѓани пристигнале и од околните градови, за да им дадат поддршка на жителите на Ниш во борбата со овој проблем и за да алармираат за растечкото насилство во нивните средини.