НаТочак бара побезбедни сообраќајни решенија

Со огромна леснотија се спомнува зборот безбедност, безбедни сообраќајници, побезбеден сообраќај итн. при секоја можна прилика, при најави за изградба на автоцентрични вијадукти, при промена на асфалт, при потврдување на старите лоши решенија?, се вели во реакцијата на иницијативата НаТочак, објавувајќи фотографија од коловозот кај скопска „Мавровка“.

Велосипедистите прашуваат, што е побезбедно во нов слој асфалт?

„Побезбедно е за автомобилот, да не се оштети, и тоа е сосема во ред. Меѓутоа воопшто не значи дека е побезбедно по луѓето, оние во автомобилите, и особено оние надвор од автомобилите. Не значи воопшто побезбеден сообраќај“, велат од НаТочак.

Вело-активистите потенцираат дека побезбедни решенија подразбираат – потесни коловозни ленти, соодветни за градска средина (максимум 3 метри широчина). Потоа, помали радиуси на свртување за возилата, помалку коловозни ленти кои пешакот треба да ги премине, издвоена и комотна пешачка и велосипедска инфраструктура, пошироки пешачки и велосипедски острови, физички и визуелни мерки за смирување на сообраќајот (издигнувања, искривувања и стеснувања на коловозот), семафорски систем пријателски за најслабите, заштита од непрописно паркирање и дизајн кој ќе овозоможи подобра комуникација меѓу учесниците во сообраќајот.

„Не знаеме што точно се случило во конкретниот случај, се надеваме дека човекот на точак е во добра состојба, но знаеме дека во ниедна од досега промовираните реконструкции на булевари (освен на Московска) не е направен напор за промена на решението!“, забележуваат од НаТочак.

Иницијативата бара реконструкции кои навистина ќе водат сметка за безбедноста и кои ќе ни ја преобликуваат градската стварност. Одржување на постоечкото не се нови решенија, велат тие, и како такви само го оддржуваат статус-квото во сообраќајот, воопшто не ја променуваат сообраќајната пирамида и воопшто не влијаат на намалување на жртвите.

„Зарем беа толку добри решенијата на овие булевари каде на остров не собира ни пола точак, каде лентите за автомобили се автопатски, па мораше да ги потврдиме со овие скапи реконструкции? Секоја реконструкција, особено кога ретко се прави, треба да се искористи во насока на примена на најновите сознанија за безбедноста. На Град Скопје му треба ВИЗИЈА НУЛА, Визија за нула жртви во сообраќајот според која ќе почнат, меѓу другото, да се планираат и побезбедни улици“, се вели во реакцијата на НаТочак.