180 новозаразени со Ковид-19, 90% се од околу 15 семејства, соопшти Филипче

Во последните 24 часа, потврдени се 180 нови случаи на Ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека се регистрирани 109 случаи во Скопје, 26 во Куманово, 15 во Штип, 12 во Тетово, осум во Гостивар, два во Гевгелија и по еден случај во Дебар, Струга, Велес, Битола, Охрид, Валандово, Свети Николе и Неготино.

Исто така, Филипче посочи дека починаа две лица.На Клиниката за инфективни болести во Скопје, починал пациент од Куманово на 59-годишна возраст, како и пациентка од Скопје на 68-годишна возраст, хоспитализирана во болницата „8-ми Септември“.

„Од денес до вчера таргетирано се тестираше и кластерската анализа на новодијагностицираните. Околу 15 семејства, вкупно носат 90% од новите случаи, што значи дека болеста се шири тесно во рамките на овие кластери, има и нови спорадични случаи кои не може да се поврзат со овие семејства, што е доказ дека вирусот постои, и воопшто не значи дека го нема и надвор од овие кластери, каде што е најголемата бројка. Затоа остануваме максимално претпазливи“, посочи Филипче.

Министерот додаде дека е несомнено дека има втор бран кој се појавил како резултат на непочитувањето на мерките за собирање и групирање, а додава дека истото го покажал и деталниот увид во анкетните епидемиолошки прашалници.

„Зголемениот број на заболени може да се каже дека е очекуван, поради начинот на тестирање кој што го применивме овие изминати денови, со оглед на тоа што првите случаи од семејствата покажаа дека има одреден број на асимптоматски носители и сакавме детално да видиме колку е тоа силно изразено. Денеска имаме највисок број тестови во 24 часа, така да, со овој начин, во овие познати кластери, многу рано се идентификуваат носителите на вирусот. Затоа сметаме дека бранот многу кратко ќе трае, но, ќе повторам, остануваме максимално внимателни и претпазливи“, рече Филипче.

Вирулентноста значајно слабее, а анализата на симптомите во изминатите седум дена, додава Филипче, покажува дека има огромен број случаи кои се асимптоматски и со многу лесни симптоми, речиси 90 проценти.

„Но, ова воопшто не треба да значи дека вирусот не е опасен, сведоци сме дека и сега има пациенти кои што имаат тешка клиничка слика. Уште еден факт, дека граѓаните треба многу да внимаваат, да ги почитуваат мерките, пред се, тука мислам и на хронично болните. Иако бројката на заразени е висока, таа се шири во рамките на кластерите, или на тие лица кои веќе се во изолација, што се констатира со овие тестови направени во изминатите повеќе денови“, рече Филипче.

Министерот изјави дека има и 11 заразени здравствени работници од болницата „8-ми Септември“, односно, еден доктор, двајца болничари, седум медицински сестри и вработен во техничката служба, но, тој додаде дека работата не е компромитирана. Во меѓувреме, додаде дека двајца заразени има и на гинеколошко-акушерската клиника.

Од Министерството за здравство (МЗ) претходно информираа дека Институтот за јавно здравје регистрирал 11 оздравени пациенти, шест во Скопје, четири во Велес и еден во Прилеп.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2790, бројката на оздравени пациенти е 1632, на починати е 149, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1009. Вчера по завршување на епидемиолошките анкети утврдено е дека еден од позитивните тестови од Скопје е контролен тест“, соопштија од МЗ.

Во последните 24 часа, направени се 1.272 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 16 теста се во рамките на скринингот во градинки во Штип, а таму нема позитивни резултати на Ковид-19.

Досега во земјава се направени вкупно 34.386 тестирања на Ковид-19.