18.000 луѓе во Македонија живеат во модерно ропство, 25-то најлошо место во светот според глобалниот индекс

Скоро 9 лица од секои 1.000 жители на Македонија, или вкупно околу 18.000 граѓани живеат во услови на современо ропство, покажува новиот Глобален индекс за ропство за 2018 година, што ја става земјава на самото европско дно, со Туркменистан и Белорусија како единствени држави каде состојбата е полоша отколку во Македонија.

Извештајот, кој го изработуваат од Обединетите Нации заедно со Фондацијата Вок Фри (Walk Free) го дефинира модерното ропство како комбинација на повеќе фактори: принудна работа, трговија со луѓе и ропство или практики слични на ропство меѓу кои се вбројуваат и принудните бракови.

Македонија според последниот индекс се наоѓа на 25-тото најлошо место во светот во конкуренција на 167 држави според појавата на модерно ропство, додека државава стои подобро во поглед на владините реакции на ваквата појава со рејтинг БББ, кој е втор највисок рејтинг кој може да го добијат земјите.

Во регионот на Европа и Централна Азија, веднаш зад Македонија се наоѓа Грција, со 8 случаи на модерно ропство на 1.000 жители, па Албанија и Турција. Скандинавските држави, Луксембург и Ирска се земјите со најмалку случаи на модерно ропство, со забележани под 2 случаи на секои 1.000 лица.

Северна Кореја е држава со најмногу случаи на модерно ропство (105 на 1.000) според последниот Индекс, по што следуваат Еритреја (93 на 1.000), Бурунди (40 на 1.000), Централноафриканската Република и Авганистан (22 на 1.000).

Јапонија е државата со најмала застапеност на модерно ропство (0,3 случаи на 1.000 жители), а во првите пет држави се наоѓаат и Канада, Тајван, Нов Зеланд и Австралија.

Африка како регион е најпогоден од случаи на модерно ропство, по што следуваат Арапските држави.

„Ограничувањето на нечија слобода е ужасно дело. Модерното ропство е деструктивно, претставува личен криминал и нарушување на човековите права. Тоа е широко распространета и профитабилна криминална индустрија, но и покрај тоа генерално останува невидлива, делумно и поради тоа што диспропорционално ги погаѓа најранливите граѓани. Токму поради ова го мериме овој проблем што е клучно во откривањето и, конечно, кон решавањето“, се наведува во воведот на извештајот.

Според проценетите точки на ранливост, Македонија најлошо стои во категоријата „обесправени групи“ (во која спаѓаат категориите како прифаќање на имигранти, малцинства и признавање на права на геј заедницата), „владини прашања“ (во која се вбројува политичката нестабилност, владините реакции, физичката безбедност на жените, политичките права, правата на лицата со попреченост, квалитетот на регулаторните тела пристапот до оружје) и „нееднаквост“ (во која се пресметува можноста за приход, насилниот криминалитет, ЏИНИ коефициентот и довербата во судскиот систем).

Последните проценки кои ги пренесува извештајот се дека 40,3 милиони луѓе во светот живеат во модерно ропство. Од нив 71% се жени. Истражувањето посочува дека најразвиените земји во светот (Г20) потрошиле вкупно 354 милијарди долари за увоз на производи кои се под ризик од модерно ропство.

Лаптопите и мобилните телефони се најчестите такви производи кои ги купуваат во развиените земји (вкупно 200 милијарди долари увоз), по што следува облека (128 милијарди), риба (13), какао (3,6) и шеќерна репка (2).

Извештајот дава и пет генерални препораки за подобрување на состојбата:

  • Владите и бизнисите да им дадат приоритет на човековите права во носењето одлуки кога соработуваат со репресивни режими
  • Владите проактивно да го предвидат и да одговорат на модреното ропство во конфликтни ситуации
  • Владите да ги подобрат реакциите на модерното ропство во сопствените држави
  • Владите од Г20 и корпорациите да го адресираат модерното ропство во ланецот на достава
  • Владите да дадат приоритет на одговор врз насилството над жени и девојки