17 здруженија бараат законска забрана за евтаназија на бездомните животни

17 здруженија за заштита на животните од Македонија бараат измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните, кој е во собраниска процедура, со кои законски би се забранила евтаназија на бездомните животни.

Здружението Анима Мунди, со поддршка на уште 16 други здруженија, поднеле коментари и предлог амандмани на нацрт-законот со фокус на јасна и децидна забрана за евтаназијата како механизам за справување со бездомната популација кучиња, кој според нив со децении не донел резултат и само го продлабочил проблемот.

„Рутинското убивање не само што не го решило проблемот, туку ги изложил и ги изложува граѓаните на опасност. Доколку убивањето давало позитивни резултати во надминување на проблемот, истиот во Република Македонија одамна ќе беше решен. Во овој контекст не само држави како Романија, Бугарија, Унгарија, туку и Република Македонија е пластичен пример и показател за неуспех кој се должи на континуирана примена на погрешни мерки и стратегии“, велат од Анима Мунди.

Тие предлагаат и дефинирање на дополнителни забранети постапки со цел да се унапреди заштитата и благосостојбата на животните, како што е забрана за трчање или влечење животни заврзани за моторно возило во движење, забрана за чување на кучиња постојано врзани на ланец или во бокс, забрана за колење и усмртување на животни во ритуални обреди, надвор од кланици или забрана за користење копитари во урбана средина и за извлекување дрва.

Меѓу нивните предлози се и воведување можност на директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, во случаи на прекумерно зголемување на бројот на уличните животни, како времена мерка, да може да нареди мандаторна стерилизација/кастрација на домашните миленици на одредена територија, на сметка на општината, општините во град Скопје односно градот Скопје, како и дополнителни законски одредби за пофлексибилна примена на законот и законско овластување на здруженијата за заштита на животни за спроведување одредени одредби на законотвршење надзор и проверка на одговорното сопствеништво.

„Во моментов единствено надлежна за да постапува во случаи на мачење, злоупотреба, занемарување, неодговорно сопствеништво и напуштање на животните во Република Македонија е ветеринарна инспекција при Агенција за храна и ветеринарство. Меѓутоа ветеринарна инспекција има бројни други надлежности, а и не е специјализирана за заштита на животни. Како последица на тоа, сведоци сме на неодговорно сопствеништво кое е основен причинител за постоење на бездомни животни на улиците; нелегална купопродажба на животните, борби со кучиња, пред сè во руралните средини при што повеќе „неупотребливите“ единки најчесто завршуваат на улица, како и исклучително бројни и екстремни случаи на насилство врз животните во Македонија, кои без двоумење укажуваат на агресија и насилство во македонското општество – девијантни појави кои е неопходно да се превенираат, или кои доколку се случат е неопходно да бидат строго санкционирани. Таквите случаи се најчесто истражувани, откривани и пријавувани од здруженијата за заштита на животни. За жал фактичката состојба укажува дека по истите не се постапува соодветно, т.е. дека иако здруженијата ги евидентираат и пријавуваат, случаите не добиваат адекватна правна завршница“, додаваат од Анима Мунди.