17 нови случаи на коронавирус, 2 починати лица и 16 оздравени

Министерството за здравство информираше дека изминатово деноноќие се потврдени 17 нови случаи на заболени од Ковид-19, како и две починати лица од коронавирусот.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје (89 години), хоспитализиран од 4 мај. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира и пациент од Велес (72 години) починат на 13 мај во ГОБ „8 септември“, кој бил на болничко лекување од 15 април“, соопштија од Министерството.

Новите случаи се регистрирани во Тетово (6 лица), Скопје и Прилеп (3), Куманово и Велес (2) и Битола (1 лице). Во изминатите 24 часа направени биле вкупно 460 тестирања.

„Од вкупниот број на направени тестови во изминатото деноноќие 225 теста се направени во рамките на скринингот од градинките. Преку ИЈЗ тестирани се 135 лица од Битола, каде е регистриран 1 позитивен случај, а преку МАНУ тестирани се 90 лица од Скопје и сите се негативни“, посочуваат од Министерството.

Оттаму информираат и дека се регистрираат и 16 оздравени пациенти во: Скопје (7 лица), Куманово (6), Прилеп (2) и Велес (1 лице).

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во Северна Македонија, од почетокот на епидемијата изнесува 1.740. бројката на оздравени пациенти е 1.251, на починати е 97, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 392.

460-те теста изминатото деноноќие се направени преку: ИЈЗ –257, МАНУ -109, Филип Втори (Жан Митрев) –33, Систина со PCR метода -19, Биотек -20, Ветеринарен ф-тет -14 и Авицена –8. Досега во земјата се направени вкупно 20.548 тестирања на Ковид -19.

Од Министерството за здравство посочуваат и:

Во изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се 3 пациенти, а вкупно хоспитализирани 44. На кислородна поддршка се 23 пациенти, на механичка вентилација е 1 пациент.

Во ГОБ „8 септември“ примени се 6 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 23. На респираторна машина се 6 пациенти и уште 2 се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 4, на домашно лекување се следат уште 2 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 4, нема пациенти кои се следат на домашно лекување.

На ифективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Охрид и Прилеп се хоспитализирани  48 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19.