Групацијата „Балфин“ го презентираше проектот наречен „Ист гејт“ кој се состои од станбени згради, канцеларии и трговски центар кои ќе никнат на местото на халите на поранешен Скопски саем.
„Ист гејт“ е планирано да се простира на површина од 152.000 квадратни метри. Проектот вклучува трговски центар чија нето површина за изнајмување ќе биде 51.000 квадратни метри, станбен комплекс со 1.600 станови и пет канцелариски згради со вкупна површина за изнајмување од 67.000 квадратни метри.
Трговскиот центар се најавува како „најголем во регионот на Македонија, Косово и Јужна Србија“, со голем број светски брендови, содржини за забава, фитнес, како и паркинг простор за повеќе од 2.000 автомобили.
Во станбениот комплекс ќе има паркови, рекреативни содржини, два амфитеатри, како и зелена површина од 25.000 квадратни метри. Целиот проект се планира да се комплетира во период од пет до седум години, а инвестицијата ќе чини 350 милиони евра.