16-годишник од САД е нов шампион во играње тетрис

Џозеф Сали, 16-годишно момче од Калифорнија е победник на големото финале на Светското првенство во класичен тетрис што се одржа во Орегон. Култната компјутерска игра со редење блокови е 13 години постара од него.

Сали го победи Џонас Њубаер, кој седум пати по ред го освојуваше турнирот кој се одржува по осми пат.

Тој за Би-Би-Си изјави дека почнал да игра како хоби, откако го гледал шампионатот во 2016 година, како и дека игра на оригиналната Nintendo NES конзола од 1985 година.

Вели дека вежбал по неколку часа на ден, закачен на телевизиски екран со катодна цевка (CRT), наместо на модерен, тенок екран. Сали посочува дека сака да го користи старомодниот монитор, бидејќи има помала латентност – мала временска разлика помеѓу контролорот и визуелниот приказ.

„Моите пријатели мислат- што прави овој“, изјави новиот шампион. „Тетрисот е лесен за учење, но може да бидат потребни години за да се стане мајстор“.