16 дена бојкот на битолските средношколци: Не се откажуваме!

Битолските средношколци ја бојкотираат формалната настава повеќе од две недели. За Радио МОФ велат дека ќе продолжат со бојкотот сè додека нивните барања не бидат исполнети во целост, иако потенцираат дека постојано има притисоци од директорите.

Од Средношколскиот пленум во Битола информираа дека вчера биле свикани родителски состаноци во горната гимназија „Јосип Броз Тито“ и техничкото училиште „Ѓорги Наумов“. Оттаму посочуваат дека за време на родителската средба имало притисок врз родителите да ги повикаат своите деца да престанат со бојкотот.

„Продолжуваме со бојкотот, нема да се откажеме и одиме до крај. Бојкотот се одвива во сите средни училишта и нашите барања се јасни. Но, ние не сакаме едното да се договори, а другото не“, вели за Радио МОФ средношколецот Евгениј Литовски од Средношколски пленум-Битола.

Во четвртокот, Министерството за образование и наука го соопшти конечниот став, според кој оваа година, матурантите ќе полагаат по стариот концепт на државна матура, а за идната, ќе се формираат работни групи кои ќе работат на негово унапредување. Екстерното тестирање пак, останува, наспроти барањата на средношколците да се стави во мирување. Во меѓувреме, наставата се бојкотира дури во четири средни училишта од вкупно шест.