Вкупно 16 073 граѓани го загубиле своето работно место од почетокот на пандемијата, соопшти директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати.
Според официјалните податоци на Агенцијата, овие граѓани се одјавени од задолжително социјално осигурување и останале невработени во периодот по 11 март, 2020 година, заклучно до 31 декември, 2021 година.
Во Агенцијата за вработување во моментов се пријавени 130 982 активни баратели на работа и 54 638 други граѓани кои се пријавуваат на шест месеци и тие се сметаат за пасивни баратели на работа.
Мурати заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ја презентираа реализацијата на Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување за 2021 година. Таа информираше дека со планот опфатиле 11.292 невработени лица со 94,6 % реализирани мерки.
Тренчевска информираше дека продолжи мерката за младински додаток за лица до 23 години, со цел да се мотивираат младите да се вклучат во производствените дејности и земјоделството. Со неа биле опфатени 3787 млади лица.
За мерката „Практиканство“, пак, која се однесува на млади невработени лица, надлежните велат дека достигнале висок процент од 91% реализација.
„Најголема искористеност оваа година се забележа кај Обуките за развој на дигитални вештини во кои беа вклучени 400 невработени лица и мерката имаше 100 % реализација. На тој начин невработените лица станаа поконкурентни и добија вештини кои во моментов се најбарани на пазарот на трудот. Максимална искористеност имаше и Обуката за возачи за Ц и Д категорија во која беа вклучени 50 лица“ рече Мурати.
Оперативниот план за 2022 година изнесува 28 милиони евра, а е наменет за создавање нови работни места и зелени инвестиции.