157 жртви во авионската несреќа на „Етиопиан Ерлајнс“

Нема преживеани во авионската несреќа во Етиопија, откако утрово авион на компанијата „Етиопиан Ерлајнс“ се сруши кратко по полетувањето од Адис Абеба.

Од компанијата соопштија дека во авионот имало 149 патници и 8 членови на екипажот на летот ЕТ302 кој летал од главниот град на Етиопија до Најроби во Кенија.

Помеѓу патниците имало 32 Кенијци, 18 Канаѓани, 8 Американци и 7 Британци. Несреќата се случила во 8:44 часот по локално време, осум минути по полетувањето на авионот.

Очевидци на падот на авионот за Би-Би-Си изјавиле дека имало голем пожар кога авионот се срушил.

„Експлозијата и огнот беа толку силни што не можевме да се приближиме до местото“, изјавил еден од очевидците.

Причините за несреќата засега се непознати, но од компанијата соопштија дека пилотот имал проблеми во летот и барал да се врати назад и да слета во Адис Абеба.