15 македонски средношколци и студенти ќе ги оценуваат филмовите на „Џифони Италија“

Петнаесет македонски средношколци и студенти од денес, па во наредните девет дена, ќе бидат дел од меѓународното жири на најголемиот филмски фестивал за деца на светот – „Џифони“ кој се одржува во Италија.

Под мотото „Восклик на радоста“ оваа година фестивалот „Џифони“ постепено се враќа во киносалите. Така, на 3000 учесници во живо ќе им се придружат уште 2000 учесници поврзани онлајн од Италија и од други земји ширум Европа.

Македонската група повторно е најбројна, велат од „Џифони Македонија“. По пет македонски претставници во секоја од трите старосни категории ќе ја следат програмата, во согласност со протоколите за безбедност.

Тие заедно со своите врсници во киносалите во Џифони и онлајн, ќе ги гледаат филмовите на програмата, ќе дискутираат за нив со гостите и ќе гласаат за своите фаворити.

Повторно посветен на јубилејот – 50 години од првото издание на фестивалот „Џифони“ – кој минатата година не можеше да биде соодветно одбележан, овогодинешниот настан се одржува под името „Giffoni50Plus“.