15-годишник бил најмладиот македонски милионер во 2017

Најмладо лице кое во 2017 година остварило доход над 1.000.000 денари во Македонија има 15 години, додека во групата над 10.000.000 денари, најмладиот има 20 години, информираа од Управата за јавни приходи, кои објавија податоци за највисоките приходи во 2017 година од анализата на поднесените годишни даночни пријави.

За 2017 година вкупно 455.915 граѓани поднеле Годишна даночна пријава, во која доброволно пријавиле 192.150.172.035 денари годишни бруто – приходи и 11.618.491.776 денари персонален данок. За 24.524 граѓани утврдени се бруто-приходи над 1 милион денари, додека најголемиот број на граѓани (438.004) оствариле бруто – приходи кои се движат од 100 илјади до 1 милион денари.

ФОТО: УЈП

Највисок годишен приход за 2017 пријавил скопјанец, вкупно 212 милиони денари. Втор на листата со остварен годишен бруто приход од 207, 6 милиони денари е исто така граѓанин од Скопје. На листата со највисоки приходи пријавени во Годишната даночна пријава за 2017 година има и граѓани од Струга со остварени 135.137.869 денари и од Битола со остварени 92.922.049 денари.

Највисоки плати, пак, биле пријавени од граѓани кои работат во секторите здравство, фармација и информатички технологии.

Највисоката годишна бруто плата во 2017 година изнесува 167.687.011 денари е исплатена во секторот здравство, па потоа следат трговија / производство на фармацевтски производи и препарати, компјутерско програмирање, трговија на големо со производи од тутун, производство на фабрикувани метални производи, производство на печки и горилници, специјалистичка медицинска пракса спортски менаџмент, и изградба на станбени и нестанбени објекти. Највисокото „дополнително примање и надоместок од работен
однос“ изнесува 46.307.898 денари на годишно ниво.

Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, односно пријавен вкупен бруто приход од игри на среќа е жител на Тетово кој само по овој основ остварил 9.999.041 денари.

Во 2017 година прворангираниот според вкупно остварени бруто приходи од имот и имотни права (издавање на земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид на имот) е обврзник од Скопје, кој пријавил 52.119.889 денари. Прворангиран според остварени вкупно бруто приходи од авторски права/индустриска сопственост е обврзник од Скопје, со 32.786.556 денари.

Највисока заработувачка пријавиле пензионери од Битола и Скопје, кои освен пензијата оствариле и приходи по други основи. Прворангираниот пензионер од Битола пријавил 55.559.568 денари вкупен годишен бруто приход по сите основи, вклучувајќи ја и пензијата. Највисок годишен бруто приход само по основ на пензија (станува збор за странска пензија) е пријавен во Скопје и тоа во износ од 5.728.934 денари.