15-годишен средношколец пронајде стар град на Маите со помош на соѕвездие

Канадски средношколец најверојатно откри изгубен град на Маите, скриен длабоко во мексиканските џунгли, користејќи нов метод со поврзување на ѕвездите и локациите на храмовите на Земјата.

Петнаесетгодишниот Вилијам Гадори, бил фасциниран од античката Централноамериканска цивилизација и со часови поминувал истражувајќи дијаграми на соѕвездија и мапи од познати градови на Маите, по што сфатил дека најверојатно се поврзани.

„Бев навистина изненаден и возбуден кога согледав дека најсветлите ѕвезди на соѕвездијата одговараат со најголемите градови на Маите“, изјави средношколецот.

Досега, ваква поврзаност не пронашол ниту еден научник. Проучувајќи 22 различни соѕвездија, Влијам открил дека тие одговараат со 117 градови на Маите, лоцирани низ Мексико, Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор.

Кога ја применил својата теорија за 23-тото соѕвездие, открил дека две од трите ѕвезди веќе имаат градови кои се поврзани со нив, но третата ѕвезда не била поврзана. Преку Google Maps, Вилијам согледал дека можеби се крие уште еден град, длабоко во џунглите на Јукатанскиот полуостров во Мексико.

Канадската вселенска агенција се согласи да го насочи својот телескоп кон локацијата што ја посочи Вилијам и откри дека на тоа место се наоѓа античка пирамида на Маите и неколку помали структури околу неа.

Ако сателитиските фотографии се потврдат, овој град би бил еден од најголемите центри на Маите, кои досега биле откриени. Право да го именува градот ќе добие Вилијам, кој веќе одлучил да го именува К’аак Чи, или во превод, тоа значи Огнена уста. Тој се надева дека еден ден лично ќе ги види урнатините.

Научниците, пак, се восхитени од ова откритие, и тоа што толку млада личност направила сериозно истражување.