15 години не доаѓал на работа, а земал плата – истрага во италијанска болница за измама

Вработен во болница во Италија е обвинет дека 15 години не одел на работа, а примал плата, пишуваат локалните медиуми, а пренесува BBC.

Вработениот престанал да се појавува на работа во болницата во јужниот град Катанзаро во 2005 година.

Сега е под истрага за измама, изнуда и злоупотреба на службената положба, пренесува италијанската новинска агенција Анса.

Наводно, му биле исплатени вкупно 538.000 евра во текот на годините за кои се смета дека не работел.

И шестмина менаџери во болницата се испитуваат во врска со наводното отсуство од работа.

Апсењата се резултат на долгата полициска истрага за отсуство од работа и сомневање за измама во италијанскиот јавен сектор.

Вработениот бил државен службеник и бил назначен за работа во болницата во 2005 година. Тогаш тој престанал да работи, соопшти полицијата.

Полицијата исто така го обвини и дека се заканувал на неговата менаџерка за да ја спречи да поднесе дисциплинска пријава против него.

Таа подоцна се пензионирала, додаде полицијата, а неговото отсуство потоа никогаш не било забележано од нејзината замена или пак од секторот за човечки ресурси.