14-тото издание на ПАНФИЗ од 30 јуни на отворено пред платото на МНТ

Од 30 јуни до 2 јули е најавено 14-тото издание на Меѓународниот фестивал на пантомима и физички театар, ПАНФИЗ.

Поради здравствените препораки и оваа година Фестивалот ќе се одржи на отворено, пред платото на МНТ на северозападната тераса, а местата ќе бидат ограничени.

Оваа година имаме ексклузивна македонска фестивалска премиера и тоа во режија и кореографија на Ирена Лозинска – претставата се вика „Четири“ и е сублимат на физички театар, буто, танц и пантомима. „Алис ин Вондербанд“ од Србија и оваа година е на ПАНФИЗ, но овојпат со целодневна работилница наречена „Телото како инструмент“, која ќе биде вистинско освежување за млади таленти, но и постари актери заинтересирани за перкусионистички елементи, пеење, ритмика и актерска игра. Од Бугарија ни доаѓа Александар Илиев, со претставата „Комедија дел’ арте“, а  ќе видиме и два буто перформанси, во продукција и изведба на Нектан Арт  Центар, Марко Стојановиќ од Србија, а тоа се претставите „Светиот Маченик“ и „Спајдердаст“. Идејата е да не застанеме и да не ја прекинеме традицијата. Продолжуваме да чекориме и да ја промовираме пантомимата и физичкиот театар колку и тоа да изгледа тешко во овие времиња. А тешко е“, соопштија организаторите.

Од Фестивалот посочуваат дека во случај на невреме претставите ќе се играат на малата сцена на МНТ. Билетите ќе бидат поделени пред претставата по принципот прв дојден прв услужен.