„14 часа“ на Игор Киров со музика од Кирил Џајковски во МОБ

Авторот, познатиот македонски танчар и кореограф со интернационално искуство Игор Kиров вечерва (20 ч.) на сцената на Македонската опера и балет ќе ја постави премиерата на едночасовниот балет „14 часа“. Станува збор за современо балетско дело, кое низ синџир од 12 сцени, ги разработува женско-машките односи, преку ликовите на Лили и Марк кои ги играат првенците Александра Мијалкова и Василиј Чичијашвили. Инспириран е токму од нив, односно од дуетот Not2Close кое Kиров го работеше во мај годинава во рамките на Азербејџанските денови на културата. Со проектот тој се врати на домашната сцена по многу години отсуство.

Kиров вели дека во ова дело сакал да собере проверена екипа во која ќе влезат режисерката Наташа Поплавска, композиторот Kирил Џајковски и Александар Ношпал како дизајнер на костимите.

– Се адаптирав на нивниот стил, а тие се потрудија да ги следат моите препораки, за заеднички да најдеме баланс. Сакавме да не биде само апстрактна претстава, туку претстава со приказна. Тоа и го направивме – вели Kиров.

Во останатите улоги настапуваат Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Ангела Велевска, Бобан Kовачевски, Игор Веланоски, Јан Kиселев и Трајче Стојковски. Изборот на музика е работен заедно со Џајковски на негова позната и помалку позната музика.

– Со Џајковски направивме еден заеднички склоп на нешто што на сите ни е блиско и на нешто што не е или е помалку познато, музика што луѓето можеби ќе ја препознаат и музика што некои досега воопшто ја немаат слушнато. Сето тоа е ставено во 63-минутен саундтрак за овој модерен балетски перформанс – додава Kиров.

Во последно време Kиров повеќе се фокусира на кореографирањето, не ја остава настрана ни танчарската кариера.

– Пред „14 часа“ имав турнеја низ Kанарските Острови и таму играв. Не се откажувам сосема од играњето, но играм само соло и во дуети, а не во големи претстави бидејќи нема потреба од тоа. Сум играл 20 години – вели тој.

Сепак, Kиров вели дека кај нас танчарите се уште се табу, а проблемот лежи во повеќе фактори.

Според него, македонска современа танцова сцена не постои.

– Додека танцот или балетот спаѓа под музичко-сценска дејност, а не се одвоил посебно како танц, нема ни да има сцена. Имаме три институции што си ги тераат работите паралелно секоја на свој начин. Сите три се различни меѓу себе, секоја има свој потенцијал и квалитет и секој си го цени своето. Но трите институции меѓу себе не се поврзани и на тој начин не може да постои танцова сцена – категоричен е Kиров.

„14 часа“ е шеста премиера што ја прави годинава. Неговата агенда е пополнета дури до пролетта 2015 година. Идната година Kиров ќе прави две претстави во Италија, ќе прави мјузикл во Дрезден, Германија, ќе работи и во Мајнц, Токио, Бордо, Љубљана, Њујорк.

Извор: Дневник