14.000 помалку студенти за 19 години – Бројот на студенти опаѓа, а на факултети расте

Годинава на насоката наставна хемија при Природно-математички факултет во Скопје се запишал само еден студент. Додека на студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинија Први„ во Скопје имало само 12 бруцоши, што е досега најмала бројка на запишани студенти на овие студии. Пред само три години оваа бројка била три пати поголема, анализира „Инбокс 7“.

Поразителна е ситуацијата на факултетите, трендот на опаѓање на бројот на студенти се забележува на сите факултети на територијата на Македонија. Бројот од 53.677 студенти запишани во академската 2018/19 година, е најмалиот број на студенти во високото образование, во последните дваесет години. Споредено со учебната 2000/2001 година кога на високообразовните институции се запишале 39.406 студенти, сега таа бројка е намалена за повеќе од 14.000. Застрашувачки е и трендот во основното и средното образование. Во последните 19 години, бројот на основци е намален за над 61.000, а на средношколци над 21.000.

Мала заинтересираност за општествените науки

Во моментов најатрактивни се медицинските, економските и информатичко-компјутерските студии. Додека, општествените бележат пад. Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на извештаи, во Република Северна Македонија, во академската 2018/2019 година се запишани вкупно 53.677 студенти, што претставува намалување за 5.7 % во однос на академската 2017/2018 година. Се помалку студенти го продолжуваат високото образование. Нето стапката на запишување во високо образование во Македонија изнесува 26,49%. Ова е соодносот меѓу студенти во високото образование на возраст 18-23 години и популацијата на соодветна возраст. Овој процент е намален за 1,77% во последниве три години.

Професорката Јасна Бачовска-Недиќ објаснува дека запишаните 12 студенти на студиите по новинарство се досега најмала регистрирана бројка на студенти на новинарство. Притоа Бачовска констатира опаѓачка тенденција, од година, во година на заинтересираноста на луѓе за студирање на новинарство.

На Шумарскиот факултет во Скопје, во првиот уписен рок, на трите насоки се запишале само 9 студенти, а вкупниот број на студенти кои можат да се запишат е 120. На Природно-математички факултет на студиите по хемија, насока наставна хемија се запишал само еден студент, иако бројот на слободни места по првиот циклус е 29/30. На студиите по физика се запишале само 13 студенти, додека вкупниот број на слободни места на овој факултет, за сите насоки е 964. На Педагошкиот факултет „Св.Климент Охридски“, на насоката библиотекарство од вкупно слободни 25 места, се запишале само двајца студенти и тоа вонредно. Додека, вкупно на сите девет насоки на Факултет за земјоделски науки и храна, се запишале 64 студенти, на можни 490 места за пополнување.

Бројот на студенти опаѓа, но на факултетите и професори расте

Од 29 факултети во 2000-та година, бројот драстично скокнува на 111 факултети во учебната 2010/2011 година. Бројот на факултети е во постојан раст, при што во 2017/2018 година се регистрирани 136 факултети. Додека, бројот на јавни средни училишта изнесува 108, бројот на приватни средни училишта е 20. Вкупниот број на наставници и соработници во високообразовните институции постојано расте, при што во академската 2018/2019 година изнесува 4.323, односно се зголемил за 193 во однос на претходната година.

Свесни за очигледната ситуација каде бројот на факултети е поголем од вкупниот бројот на средни училишта, од Министерството за образование и наука најавуваа и можно затварање на факултети.

Со цел да се посвети доволно внимание и на процесот на евалуација, односно мерење на квалитетот на високообразовните институции, според новиот Закон за високо образование, најавено беше Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, да се подели на два органи. Законот предвидуваше формирање на Агенција за квалитет на високото образование, составена од одбор за акредитација и одбор за евалуација, со рок за имплементирање во период од една година. Законските рокови за имплементација на законот изминаа, а од Министерството за образование и наука не одговориле на „Инбокс 7“ до каде е формирањето на Агенцијата за квалитет на високо образование и дали, и од кого ќе се бара одговорност поради непочитување на законски рокови.

Целата анализа е достапна на следниот ЛИНК.