132 пратеници од регионот побараа истрага за мјанмарската војска од Меѓународниот кривичен суд

Над 130 членови на парламенти од пет држави во југоисточна Азија бараат Мјанмар да биде под истрага на Меѓународниот кривичен суд во Хаг поради насилството врз Рохингите пред една година.

Во заедничко соопштение, објавено од Азиските парламентарци за човекови права, тие повикуваат војската на Мјанмар да биде „изведена пред правдата“ поради нивните „смртоносни операции во областа Рахине“. Ова е прва заедничка осуда од страна на регионот од избивање на насилството.

„Бидејќи Мјанмар ниту покажува желба ниту е способна да спроведе истрага, сега се наоѓаме во фаза каде меѓународната заедница мора да се вклучи за да се обезбеди одговорност“, изјавил во име на групата парламентарци малезискиот политичар Карлес Сантиаго.

„Стојам заедно со 131 колега кои се избрани во нивните парламенти и ги повикувам членовите на Советот за безбедност на Обединетите Нации ситуацијата во Мјанмар итно да ја насочат кон Меѓународниот суд на правдата. Оние во Мјанмар одговорни за овие ужасни злостроства мораат да се соочат со одговорност. Тие не можат да бидат оставени да ги повторат истите злосторства повторно во иднина“, додал Сантиаго.

Обединетиот повик доаѓа пред годишнината на почетокот на армиската кампања на насилство против Рохингите во областа Ракине. Оттогаш 700.000 припадници на оваа етничка заедница ја преминаа границата и станаа бегалци во Бангладеш, додека 25.000 лица се убиени а многу села срамнети со земја и голем број на случаи на сексуални напади и силување жени. Обединетите Нации го карактеризираа насилството како етничко чистење, обвинување кое власта во Мјанмар го отфрла.