120.000 влезници за фестивалот Гластонбери распродадени за 87 минути

Влезниците за следното издание на еден од најпознатите светски фестивали, британскиот Гластонбери годинава се распродадени во рекорден рок од еден и пол час. Вчерашната онлајн продажба на преостанатите 120.000 влезници почнала во 9 часот наутро по англиско време и завршила за само 87 минути, што е за десет минути побрзо отколку минатата година. Претходно, своите билети, заедно со организиран превоз, ги купија околу 20.000 луѓе.

120.000 влезници за фестивалот Гластонбери распродадени за 87 минути

Организаторот на фестивалот, Michael Eavis неодамна изјави дека преку еден милион луѓе се пријавиле за влезници за Гластонбери 2014. Годинешната продажба започна со проблеми, откако падна веб-страницата каде се купуваа билетите. По половина час, продажбата продолжи, со брзина од околу 3000 влезници во минута.

Организаторите веќе соопштија дека имаат букирано тројца хедлајнери, а британските обложувалници почнаа да лицитираат со имињата на артистите кои би можеле да настапат на фестивалот. Меѓу „фаворитите“ се: Fleetwood Mac, Prince и David Bowie, како и  Foo Fighters. Можното реобединување на Oasis, за 20-годишнината од нивниот прв албум „Definitely Maybe“ исто така е опција за Гластонбери 2014. 

Овој фестивал за првпат е одржан во 1970 и оттогаш ја гради својата репутација на глобален музички и културен настан. Годинава на Гластонбери настапија Arctic Monkeys, The Rolling Stones и Mumford & Sons и Dizzee Rascal, меѓу другите.