12 весници добија 714.000 евра владини субвенции

12 весници ќе поделат вкупно 44 милиони денари (околу 714 илјади евра), соопштија од Владата објавувајќи повеќе детали од распределбата на пари преку Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми која се спроведува втора година по ред.

Најголема субвенција добива „Слободен печат“, 14,5 милиони денари, а најмалку пари се предвидени за „Битолски весник“, нешто под 50 илјади денари.

                               За исплата
# Коминтент Печатење Дистрибуција Вкупно
1 Нова Македонија 5,234,866 1,565,860 6,800,725
2 Слободен печат 8,802,648 5,735,912 14,538,560
3 Зенит 222,249 75,000 297,249
4 Капитал 1,879,725 219,665 2,099,390
5 Коха 4,337,620 643,607 4,981,227
6 Вечер 6,856,069 1,593,954 8,450,023
7 Фокус 3,528,000 1,094,268 4,622,268
8 Лајм 854,000 109,503 963,503
9 Битолски Весник 46,470 2,700 49,170
10 Шења 212,274 0 212,274
11 Лице в лице 231,150 0 231,150
12 Економија и бизнис 616,876 45,619 662,495
ВКУПНО ДЕНАРИ 32,821,946 11,086,086 43,908,032

 

Од Владата посочуваат дека пристигнале вкупно 16 барања за добивање субвенција преку програмата, но 4 печатени медиуми биле одбиени бидејќи не ги исполнувале критериумите. Два медиуми биле одбиени бидејќи биле специјализирани изданија, еден затоа што е бесплатен, а еден затоа што немал поднесено комплетна документација.

„Постапката за избор на корисниците на средствата согласно Програмата ја спроведе Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат во којашто членуваат и по еден претставник  на АЗНПММ и еден претставник на ЗНМ. Комисијата донесе одлука врз основа на доставените барања и комплетната документацијa, согласно јасно дефинирани критериуми. Висината на одобрената поддршка е утврдена врз основа на доставените фактури за календарската 2018 година, а е дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања“, соопштија од Владата.

Од таму најавуваат и дека следниот период, на предлог на медиумските професионалци и нивните здруженија, предвидено е оваа Програма да се преточи во транспарентно системско решение, во инклузивен процес со сите засегнати страни од сферата на медиумите.