Дванаесетто издание на театарскиoт фестивал „Лица без маски“

Со проектот „Како се прави човек“ на режисерката Хана Миленковска, на 4 април во Кино Култура од 20 часот, ќе почне 12-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, посветен на професионалното независно театарско творештво. Фестивалот ќе трае до 9 април.

На програмата се вкупно шест претстави, меѓу кои и „Кокошка“ од Бугарија, во режија на Ана Батева, „Машината на Пинокио“,„ Ти не си еден од нас“ на театарот „Софија Амендолеа“ од Рим, Итлија, интерактивниот перформанс „Јас сум актер – човек“, на режисерката Теа Беговска, „Соништата на Хамлет“, на исклучителниот актер и режисер Ментор Зимберај од Косово и претставата „Дневникот на лудиот“ во изведба на Бобан Алексоски, а во режија на Ѓорѓи Ризерски.

„Годинава, иако без поддршка од Министерството за култура, а со финансиска инекција од Град Скопје, скромно и достоинствено ја продолжуваме мисијата на интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, а тоа е промоција и афирмација на независното театарско творештво. Среќни сме што годинава програмата нуди нови кратки форми на театарско изразување, а со тоа ќе промовираме и нови сценски простори во градот Скопје. Покрај познатите локации МОБ, Кино Култура, пријатели на фестивалот од годинава се и Галеријата „Колектив“ и театарот „Сенки и облаци“, вели Миодраг Костиќ, директор на ИТФ „Лица без маски“.

Фестивалот е во организација на независниот „Театар 007“, заедно со Ј.У. Дом на култура „Кочо Рацин“ од Скопје. Визуелниот идентитет на фестивалот е авторско дело на Марјан Ѕингаров Ѕин. Претставите ќе ги оценува жири комисија во состав: Бојан Трифуновски-режисер, Ивана Настеска-новинар/критичар и актерот Мики Анчевски, кои ќе ги одлучуваат за трите фестивалски награди: Гранд при за најдобра претстава, награда за најдобра режија и награда за најдобро актерско остварување.

Претставите се со почеток од 20 часот. Билети се со цена од 200 денари и може да се резервираат на itf.faceswithoutmasks@gmail.com.