12-та Извидничка смотра во охридското село Скребатно

Во периодот од 14 до 22 јули 2018 во охридското село Скребатно ќе се одржи 12-та Македонска извидничка смотра на која учество ќе земат над 1.000 извидници од Македонија и од 15 други земји.

Со помош на невладините организации и добронамерните партнери и спонзори, Сојузот на извидници на Македонија и оваа година организира еднонеделен настан отворен за посетители секој ден од 10 до 19 часот, каде ќе можат одблиску да се запознаат со извидничките вредности и со културите на извидничките одреди ширум Европа.

Локацијата на овогодинешната бесконечна приказна е Скребатно и неговата околина, локација која нуди голем број на можности за извиднички авантури и забава. Годинава извидниците ќе имаат можност да ги испробаат и надградат своите вештини на шест локации, во 100 таканаречени работилници, кои се поделени во четири клучни области: извиднички вештини, природа и авантура, потоа забава и предизвици, како и култура и традиција.

И годинава е најавено формирање на SDG (Sustainable Development Goals) селото, каде извидниците ќе се запознаат со Целите за одржлив развој и ќе учат на кој начин и каде можат да придонесат за создавање на еден подобар, поздрав и поодржлив свет за сите.

Сојузот на извидници на Македонија во склоп на своето функционирање организира бројни активности кои претставуваат вистински одраз на извидничките вредности и вештини. На дел од овие активности учествуваат извидничките одреди од нашата земја, додека другиот дел се интернационални активности, каде присуствуваат голем број гости и извидници од странство. Еден од најголемите настани кој е дел од агендата на Сојузот на извидници на Македонија е токму Смотрата. Првата извидничка смотра во Македонија се одржала во далечната 1958 година на Езерото Младост во близина на Велес.