12 април да биде прогласен за Ден на протестот – ЦИВИЛ со иницијатива до Собранието

Во петок, на 12 април, ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе го одбележи Денот на протестот, како продолжение на заедничката иницијатива во соработка со фотографот Александар Кондев.

Одбележувањето ќе започне во 14 часот кај Споменикот на загинатите војници 1991-1992, пред кафулето „Гарсон“. Денот ќе се одбележи со музика, говори и видео проекции на фотографии и видео записи од граѓанските протести во периодот 2014 – 2016 година, почнувајќи од студентските протести, движењето Протестирам/Protestoj, па сѐ до Шарената револуција.

„Минатата година, преку изложбата и перформансот „Протест(и)“ на Александар Кондев во соработка со ЦИВИЛ и дел од активистите на Шарената револуција, се роди идејата овој ден да се одбележува како ден на граѓанските протести, со што ќе им се оддаде признание на граѓанките и граѓанките што низ годините го креваа гласот во името на слободата, еднаквоста и правдата.
Како и секогаш, поканети се сите граѓанки и граѓани, учеснички и учесници во продемократските граѓански протести да бидат дел од одбележувањето на историското будење на македонската граѓанска свест“, соопштија од ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ најавува и дека ќе поднесе иницијатива до Собранието на Република Северна Македонија да го прогласи 12 април за Ден на протестот, во чест на прогресивните, продемократски вредности за кои се залагаат огромен број граѓанки и граѓани во земјава.