Кина преку краудфандинг ќе го реставрира Кинескиот ѕид

Повеќе од 16 илјади луѓе донирале преку интернет, откако започна краудфандинг кампањата (масовно онлајн собирање средства од луѓе) за финансирање на реставрацијата на Кинескиот ѕид во август. Досега се собрани вкупно 300 илјади јуани (45.000 долари).

Иницијативата е на државната кинеска фондација за културно наследство и конзервација, кои сметаат дека на ѕидот му се потребни сериозни поправки.

Кинескиот ѕид е подигнат пред повеќе од 2000 години, но повеќето од она што посетителите можат да го видат денеска е изградено за време на Династијата Минг, која владеела од 1368 до 1644 година. Кинеската Фондација за културно наследство вели дека третина од 6250 километри од ѕидот изграден во тој период, исчезнала. Се надеваат дека ќе успеат да соберат 11 милиони јуани (1,7 милиони долари) до први декември.

Донг Јаохуи, кој ја предводи иницијативата за подигање средства, вели дека заштита на толку големо место е преголема за власта да ја направи сама.

„Со собирање на донации на секоја индивидуа, колку и да е таа мала, ќе можеме да направиме ѕид кој би го заштитил Кинескиот ѕид“, изјавил тој за ББЦ.

Средствата се наменети за реставрација на делот од ѕидот наречен Шифунгко.

Кинезите се скептични на социјалните мрежи кон овој проект. Некои од нив се збунети зошто ова историско значајно место треба да се заштитува преку јавни донации. „Имаат многу пари, зошто потребата од краудфандинг?“, се прашува еден корисник, додека друг прашува дали за донаторите пристапот до Кинескиот ѕид ќе биде бесплатен.

Сепак има и ентузијазам од граѓаните. „Спремен сум да инвестирам во ова! Во иднина ќе можам гордо да им кажам на моите внуци дека ова е наш семеен имот“, напишал еден корисник.