„10во12“ – Изложба на дела во мал формат од Костадин Батев вечерва во Струмица

Вечерва (6 април) во Струмица ќе биде отворена изложбата на дела мал формат, насловена „10во12“ на ликовниот уметник Костадин Батев.

„Во овој избор насловен ’10во12′ ќе видиме 12 дела изработени во мал формат изминативе 10 години. Тие претставуваат своевиден пресек на една декада творење на Костадин Батев и претставуваат целина од неколку засебни минијатури, графики и акварели кои коегзистираат и како засебни единки и како целина. Костадин Батев е познат на струмичката публика, неговото творештво е веќе дел од колективната меморија на струмичките колекционери и љубители на уметноста, тој како учесник на Меѓународната ликовната колонија и со своја самостојна изложба веќе ги има претставувано своите сликарските светогледи пред своите сограѓани. Големиот формат кој е вообичаена работна површина за одомаќинување на разновидните претстави од имагинативниот свет на Батев се импозантни, неговиот стил на сликање е автентичен, не само во рамките на македонската ликовна сцена, туку и пошироко“, пишува за изложбата Митко Гогов.

Изложбата ја организира Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста.

Костадин Батев е роден 1979 година во Струмица. Во 2004 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство со графички дизајн во класата на проф. Вело Ташовски. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Струмица од 2000 година, а зад себе има 6 самостојни изложби и голем број групни изложби и ликовни колонии.