Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатото деноноќие е потврден 101 нов случај на заразени со Ковид-19. Од новозаразените, регистрирани се 59 случаи во Скопје, 12 во Куманово, седум во Штип, шест во Струга, пет во Тетово, по три во Гостивар и Кочани, два случаи во Пробиштип и по еден случај во Велес, Охрид и Кавадарци.
Од министерството информираат дека се регистрирани и четири смртни случаи. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починала 84-годишна пациентка од Прилеп, хоспитализирана на 17 мај.
„Во ГОБ „8 септември“ починаа, пациент од Тетово (75г) примен на 24 мај, пациент од Куманово (71г) примен на 26 мај и пациент од Скопје (58г) примен на 30 мај“, стои во соопштението на МЗ.
Институтот за јавно здравје денеска регистрирал 10 оздравени пациенти, односно, осум во Тетово и два во Велес.
Во последните 24 часа се направени 974 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 132 теста се во рамките на скринингот, а потврдени се два позитивни случаи во градинки во Штип.
„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2492, бројката на оздравени пациенти е 1605, на починати е 145, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 742“, информираат од МЗ.
Во изминатово деноноќие, на Клиниката за инфективни болести се примени десет нови пациенти, а хоспитализирани се вкупно 49 пациенти. Од нив, потешко болни и на кислородна поддршка се 22 пациенти.
Во болницата „8-ми Септември“, пак, примени се 16 нови пациенти, а моментално се хоспитализирани вкупно 34 пациент. Од нив, на респираторна машина се шест пациенти a со потешка клиничка слика се 6 пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 9 пациенти, а на домашно лекување се следи 1 пациент. Во болницата во Штип се хоспитализирани 16, а на домашно лекување се следат 11 пациенти. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 26 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.
Досега во земјава се направени вкупно 32.161 тестирања на Ковид-19.